Мадридски Ас на насловната страна објави три потенцијални купувања на Реал летово. Во преден план е Килијан Мбапе, а потоа Аурелиен Чуамени и Антонио Рудигер. Мбапе не доаѓа сам“, гласи портретот на тројцата избраници. Реал Мадрид планира да ги засили сите три линии и да донесе по едно ново засилување.
Антонио Рудигер (29) би требало најевтино да го чини бидејќи договорот на дефанзивецот на Челзи истекува на крајот од сезоната. Германецот, пишува Ас, ја прифатил понудата на Реал Мадрид и од лето како слободен играч ќе му се приклучи на идниот шампион на Шпанија. Според Трансфермаркт, Рудигер вреди 35 милиони евра и е еден од најдобрите одбранбени играчи во светот, а во Реал Мадрид во следните четири години би требало да заработува 12,5 милиони евра по сезона.
Аурелиен Чуамени (22) од Монако треба да ја засили конкуренцијата во средниот ред. Тој е француски репрезентативец проценет на 35 милиони евра. Чуамени е еден од најталентираните играчи од средниот ред на денешницата и го посакуваат многу европски великани, но Французинот изгледа го избра Реал Мадрид. Таму за место во тимот ќе се бори со сенатори како Лука Модриќ, Тони Крос и Касемиро. Реал Мадрид ќе мора да му плати на Монако најмалку 40 милиони евра.
Главното лице на насловната страница е Килијан Мбапе (23). Договорот на ѕвездата на ПСЖ истекува ова лето, а Реал со години работи на неговиот трансфер. Минатото лето Реал сакаше да го купи францускиот офанзивец за 200 милиони евра, но парижаните ја одбија понудата. Сега може да го изгуби бесплатно. Мбапе неодамна изјави дека се уште не одлучил во кој клуб ќе игра следната сезона, но шпанските медиуми се сигурни дека тој ќе го избере Реал Мадрид.