Иако „волчицата“ не е конкурентна за трофеи во Италија, во Европа остана единствен претставник и единствена шанса после повеќе од една деценија да донесе европски пехар на Апенините. Уште од Интер во 2010 година под команда на Мурињо кога беше освоена ЛШ, Италија е неконкурентна во Европа, трофеите се далеку, па сега Рома има шанса да прекине таква една црна традиција за калчолигашкиот фудбал.
Ако некој знае како се победува и се освојува трофеи, тоа е Мурињо, затоа е и донесен во Рим, но пред себе има исклучително незгоден противник во Лестер, особено што негов ученик ги предводи „лисиците“ Брендан Роџерс. Тој му беше помошник во еден период во Челси.
„Нема што Жозе да докажува, секогаш беше и остана победник, еден од најголемите во нашата генерација. Беше брилјантен во бројни аспекти на играта, посветен на детали, работа со фудбалерите, тактичка адаптација. Јас многу го ценам, а без оглед што денеска сум тренер, никогаш нема да заборавам што сѐ од него научив. Нѐ чека битка во која сакаме финале, сакаме да го покажеме нашиот раст“, вели Роџерс.
Холандски Феенорд и француски Марсеј заедно имаат осум европски финалиња, а вечерва ќе се судрат во битка за ново во најновото европско натпреварување, а своевремено и двата клуба беа европски шампиони и владетели во фудбалот на Стариот континент.
Феенорд во 1970 година стана европски првак, во 1974 и 2002 го освои Купот на УЕФА, што значи дека Холанѓаните имаат максимален ефект во Европа кога ќе дојдат до самата завршница, за разлика од Марсеј кој само во 1993 година стана европски првак, две години откако го загуби првото финале во КЕШ од Црвена Звезда, а потоа губеше во три финалиња по ред во Купот на УЕФА во 1999, 2004 и 2018.
Двата великани во историјата само двапати се сретнале и тоа во ЛШ во сезоната 1999/2000, кога Феенорд победи дома со 3-0, а во Франција беше нерешено без голови, со тоа што и двата клуба испаднаа од групната фаза.