Фудбалерите на Евертон долго ќе жалат за пропуштената шанса за првите бодови сезонава во Премиер лигата, бидејќи после голем пресврт загубија во вечерашното гостување кај Астон Вила (2-3).
Тимот од Ливерпул имаше идеална ситуација по првите половина час, откако со головите на Мекнил во 16. минута и на Калверт-Левин во 27. минута неочекувано одлично го отворија натпреварот и имаше солидно водство од два голови. Тоа не ги депримира домашните, кои само десетина минути подоцна преку Воткинс го постигнаа првиот гол на средбата. Истиот фудбалер го изедначи резултатот во 58. минута, додека Џон Дуран со спектакуларен удар во 76. минута погоди за целосен пресврт и еуфорија на стадионот во Бирмингем.
20-годишниот колумбиски шпиц влезе од клупата за резерви, а постигна неверојатен гол кој ќе конкурира за гол на годината. Се играше 76. минута, кога тој испрати бомба од далечина во мрежата на Евертон која беше вредна победа.
Сите се држеа за глава, а реакцијата на голманот Емилијано Мартинез доволно говори за квалитетниот гол на Дуран.
За Астон Вила ова беше трета победа во четвртиот меч по која се искачи на третата позиција на табелата со девет бодови, додека Евертон и загуби четврти пат по ред и сега со Саутемптон е единствен тим во англиската елита без ниту еден бод.