Екипата на Баерн Минхен делува како казнена експедиција со новиот тренер Винсент Компани, откако како гостин го прегази Холштајн Кил (1-6) за трета победа во третото коло од новата сезона во Бундеслигата.
Баварците прашањето околу победникот го решија по првите седум минути, во кои погодија Мусијала односно Хари Кејн, додека до крајот на првото полувреме прво Ремберг си ја затресе сопствената мрежа, па англискиот репрезентативец го постигна својот втор гол. Олисе во 65. минута зголеми на 5-0 додека конечниот резултат го постави Кејн во судиското надополнување од пенал за хет-трик на овој дуел, откако домашните претходно го реализираа почесниот гол преку Гиговиќ во 82. минута.
Екипата на Баерн Минхен останува единствен непоразен тим во Бундеслигата, додека Кил и по три меча сѐ уште е без ниту еден прволигашки бод.