Шкотскиот великан Глазгов Ренџерс не беше ни близу главните фаворити за пехар во Лига Европа и со тоа автоматски пласман во ЛШ, ама успеа да дојде на чекор до финалето и денеска ја почнува завршната битка за пласманот со гостувањето кај Ред Бул Лајпциг во едно од двете германско-островски полуфиналиња, зашто лондонски Вест Хем го чека Ајнтрахт Франкфурт во вториот меч.
Пред 15 години, Ренџерс стигна до европско финале, тогаш во Купот на УЕФА кога од руски Зенит го загубија трофејот.
Трнлив им беше патот преку квалификации за да дојдат до групната фаза, едвај вкупни 1-0 со Алашкерт, па уште потрнливо ја минаа групата со Лион, Спарта Прага и Брондби, со само две победи во шесте меча, но затоа експлодираа во елиминациите. Преку Борусија Дортмунд, Ц. Звезда и Брага дојдоа на чекор до финале, па сега Лајпциг е последната пречка.
Германците играа извонредно, 17 меча без пораз, кога Унион Берлин со неочекуван пресврт им ја прекина серијата, па ја направи завршницата од битката за ЛШ во Бундеслигата уште попеколна.
Ренџерс ќе мора денеска да се одбрани од моќните Германци, зашто недостигаат неколку клучни играчи: Морелос, Руси, Арон Ремзи и Хаџи, со кои шкотскиот великан е сосема поинаков клуб.
Вест Хем го чека Ајнтрахт, кој пред две години дојде на чекор до финале, но загуби од Челси во тогашната завршна елиминациска фаза.
„Чеканите“ го играат првото европско полуфинале, беа и во трка за место во ЛШ, но в незгоден момент доаѓаат повредите на стоперите, па Дејвид Мојс има само еден здрав централен дефанзивец во Крејг Досон, откако Диоп и Зума отпаднаа, а од поодамна е повреден и Огбона.
Ајнтрахт својата сила ја покажа во четвртфиналната рунда против Барселона, посебно во реваншот на „Камп Ноу“ и прв адут им е српскиот репрезентативец Филип Костиќ кој сезонава има седум гола и 14 асистенции.
Инаку Вест Хем и Ајнтрахт во 1976 година во полуфинале на Купот на националните куп-победници играа меѓусебе и во финале поминаа „чеканите“ поради домашниот триумф со 3-1, после загубениот прв меч со 1-2, но во битката за трофејот беа поразени од Андерлехт со 2-4.
Финалето во оваа сезона во Лига Европа се игра во Севилја.