Поранешниот македонски првак и актуелен освојувач на Купот, Силекс и официјално е нов прволигаш, а најтрофејниот македонски клуб Вардар го доби големото дерби со Воска Спорт во Струга (1-0) за да се врати во трката за баражот во последните две кола од сезонава во Втората лига – Запад, по денешното 25-то коло.
Воска сега има три бода предност, а при евентуален ист број на бодови вардарци ќе бидат подоброрангирани. Тоа значи дека во последните две кола ќе биде потребен пораз на Воска Спорт. И Вардар и Воска играат со Силекс, вардарци во следната, а охриѓани во последната рунда.
Бенјамин Демир со голот во 63-та минута му го обезбеди толку посакуваниот триумф на Вадар против директниот ривал за да дојде на три бода на две кола до крајот во трката за баражот.
Кратовски Силекс се врати во Првата македонска фудбалска лига со домашната победа над Тетекс (2-0).
Пред последните две кола, Силекс е лидер со 65 бода, пред Воска Спорт со 55 бода. Вардар е третопласиран со 52 бода. Следи Тетекс со 35 бода, па Беса со 32, пред Гостивар со 31 бод. Околу опстанокот, ГФК Охрид го презеде осмото место кое носи второлигашки статус догодина со 28 бода, пред Кораб кој падна на првото место за испаѓање со 27 бода.