Кошаркарите на Милвоки го совладаа Бостон со 101:89 во првиот натпревар од второто коло на плеј-офот.

Првиот натпревар не го донесе она што се очекуваше пред почетокот на овој натпревар. Бакс во поголемиот дел од вториот дел имаа двоцифрена предност, па без нервоза влегоа во финишот.

Милвоки на првиот меч во „Ти-Ди Гарден“ одигра без повредениот Крис Мидлтон, додека Селтикси се тие кои може да бидат ослабени во продолжението од серијата, со оглед на тоа што најдобриот одбранбен играч во лигата оваа сезона, Маркус Смарт се повреди за време на натпреварот.

Милвоки до победата го предводеше Џру Холидеј со 25 поени (8/20), а имаше и 10 скока и пет асистенции. Го следеше Јанис Антетокумпо, кој оствари трипл-дабл учинок со 24 поени, 13 скока и 12 асистенции, но и шут од игра 9/25.

Боби Портис стигна до дабл-дабл со 15 поени и 11 скока, додека двоцифрен беше Грејсон Ален во тимот на Мајк Буденхолцер, кој мечот го заврши со 11 поени.

На спротивната страна најдобар беше Џејсон Тејтум кој покрај 21 поен (6/18) имаше и по шест скока и асистенции. Џејлен Браун додаде 12 со девет скока, а идентичен поентерски учинок имаше и Ал Хорфорд со скок повеќе.

Двоцифрени беа и Дерик Вајт и Маркус Смарт со по 10 поени.

Следната средба на двете селекции е на програмата ноќта меѓу вторник и среда од 01:00 часот по средноевропско време.