Фудбалерите на Баерн се мета на критики поради краткиот одмор на Ибица, на која заминаа по саботниот пораз од Мајнц со 1:3 во 32.коло од Бундеслигата. Баерн на три кола пред крајот на првенството ја обезбеди десеттата последователна титула во Германија, а потоа загуби во саботата. И покрај поразот, тренерот Јулијан Нагелсман на своите играчи им даде слободни денови, кои повеќето го искористија патувајќи на Ибица.
Легендарниот германски фудбалер Лотар Матеус го осуди ваквиот потег на играчите по лошата игра и поразот од Мајнц. „Да бев на местото на Нагелсман, би презел драстични мерки и би им ги откажал слободните денови на играчите по таков натпревар“, изјави Матеус, со кого се согласи тренерот на Херта, Феликс Магат:
„Не знам како еден тим може да каже: „За нас, сезоната завршува три недели порано.“ Сепак, спортскиот директор на клубот од Минхен, Хасан Салихамиџиќ, застана во одбрана на играчите, велејќи дека патувањето било договорено пред натпреварот против Мајнц.