Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов игра одлично за Шалке 04 и го води кон Бундеслигата. Тимот е лидер во Цвајте и се наоѓа во пол-позиција за директна промоција и кам-бек во елитата.
21-годишниот крилен играч е на позајмица во Гелзенкирхен од тимот на Штутгарт. Неговиот застапник Мехмет Есер вели дека Чурлинов е среќен во Шалке, меѓутоа дали тој ќе остане во тимот и следната сезона ќе се прашува Штутгарт.
„Дарко се чувствува многу добро во Шалке и го сака клубот и регионот. Сака да остане. Но, ние почитуваме дека тој има договор на уште две сезони со Штутгарт“, вели Есер.
Задоволен од Чурлинов е и тренерот на Шалке 04, Мајк Бусенс.
„Знаеме што имаме во играч како Дарко. Тој е многу емотивен играч и понекогаш многу – го мислам ова позитивно – луд играч кој знае да ја направи разликата. Живее за клубот, иако тука е само десет месеци“, вели Бусенс.
Офанзивниот играч оваа сезона одигра 1,151 минути за Шалке 04 и успеа да постигне два гола, со уште четири асистенции, како и да учествува во повеќето голови на тимот од Гелзенкирхен.