Тренерот Пиоли се коцкаше, па екипата на Милан го претрпе првиот првенствен пораз во 2024 година откако загуби на гостувањето кај Монца со 2-4.

Двете екипи приредија вистински спектакл за кој уште долго ќе се зборува бидејќи тоа беше еден од најубавите натпревари оваа сезона во Серија А. Се беше мирно до судиското продолжение од првото полувреме, а потоа започнаа возбудувањата.

 

Во петтата и шестата минута од надополнувањето, Песина и Мота ја донесоа Монца во водство од 2-0, а за ситуацијата на Милан да биде дополнително искомплицирана се погрижи Лука Јовиќ кој доби црвен картон во 53. минута.

Но, и покрај тоа што остана со десет играчи, Милан се разигра и преку Жиру и Пулишиќ дојде до израмнување во 88. минута.

 

 

Сепак, наместо финален притисок и обид да се освојат и преостанатите два бода, Милан потклекна во последните минути, па Бондо и Коломбо во последните минути ѝ донесоа победа на Монца.

Со овој пораз миланезите испуштија шанса да се пробијат на второто место на табелата, па остануваат трети зад Интер и Јувентус.

Монца со триумфот и со 33 бода е безбедна на 11 позиција во Калчо лигата.