Лионел Меси според многумина е најдобриот играч на сите времиња, па не е ни чудо што се што има врска со него е вистинско богатство за фудбалските фанови.
Таков е случајот со дресот во кој Меси го постигна својот 500 гол. Тоа беше во 2017 година на Ел Класикото Реал – Барселона. Аргентинецот го совлада Кејлор Навас во 92. минута за победа од 3:2, го соблече дресот и им го покажа на навивачите. Таа сцена стана една од најпознатите во историјата на шпанскиот фудбал.
Тој дрес беше ставен на аукција пред неколку дена. Очекувано предизвика вистинска бура кај фановите. На крајот дресот е продаден за 427.600 евра.
Во описот на оваа вест, шпанскиот весник Марка стави наслов: „Најсветиот од светите грали“, цитирајќи го купувачот на дресот.