Еден од најдобрите англиски судии Марк Клатенбург најави револуционерни промени во светот на фудбалот од страна на ФИФА. Тој во колумна за „Дејли мејл“ вели дека треба да се стави крај на задржување време во фудбалот, па натпреварите наместо 90 треба да траат 60 минути, но времето да биде стопирано при секој прекин, како во кошарката.

„Тренерите секакви работи ми зборуваат по натпреварот, зошто сум продолжил две, а не три минути. Играчите протестираат, а навивачите ме нарекуваат со секакви имиња. Како да се виновни тие 60 секунди што не дошле до посакуваниот резултат. Ние судиите знаеме дека судиското надополнување на времето е контроверзна тема. Тимот што води сака што помалку, а оној што губи што повеќе надополнување“, истакнува Клатенбург.

„Мислам дека има решение за сето тоа, а тоа се 60 минути ефективна игра, со запирање на времето. Оваа идеја моментално ја разгледуваат Пјерлуиџи Колина, ФИФА и ИФАБ. Успешно се применува во кошарката, може да се примени и во фудбалот. Времето би застанало кога топката ќе ја напушти играта или, на пример, кога повреда ќе предизвика прекин. Исто така кога судијата ќе даде жолт картон или ќе опомене некого. Така секој натпревар би траел исто и нема да има такви контроверзи“, потенцира Клатенбург.