Фудбалерите на Арсенал малку се помачија, но на крајот ги обезбедија потребните три бода за да останат во трка за место кое следната сезона ги носи во Лигата на шампионите. Денеска на „Емирати“, момците на Артета почнаа силно, па со двата гола на Нкетиа за само 10 минути имаа предност од 2:0 против Лидс.
Лошата игра на гостите беше надополнета и со еден ѕверски старт на Лук Ајлинг во 27. минута по што тој доби црвен картон и мораше да го напушти теренот. Гостите беа упорни и во вториот дел иако беа со играч помалку, успеаја да намалат со голот на Љоренте во 66. минута и да ги постават конечните 2:1.
Евертон извојува голема победа на гости кај Лестер од 2:1. Гостите во битката за опстанок, поведоа преку Миколенко, по што домашните брзо возвратија за израмнување со голот на Дака. Во 30. минута Евертон повторно погоди, овој пат преку Холгејт за 2:1.
Норич беше без шанси против Вест Хем и убедливо загуби дома со 4:0.