Венеција на 12 минути пред крајот беше пред официјално испаѓање од Серија А, ама како и неколку други мечеви во последниов период, актуелниот фенерџија успеа да направи магичен пресврт, па во 93-та минута да дојде до голема победа (4-3) за да се фати за сламката за спасот, иако опстанокот не им зависи само од нивните резултати.
Венеција после скоро три месеци, уште од 12 февруари, првпат победи прекинувајќи ја црната серија од десет порази по ред, а херој беше Јонсен со голот во третата минута од судиското надполнување, откако Араму на 12 минути пред крајот го врати тимот во егал со израмнувањето за 3-3.
Венеција имаше 2-0 по 20 минути игра, Орсолини пред полувремето намали, а Марко Арнаутовиќ на стартот од вториот дел израмни, за Шутен да донесе голем пресврт за Болоња на средина од вториот дел, по што следуваше џиновскиот пресврт од фенерџијата за победа.
Венеција сега има 25 бода и останува последна, но сѐ ќе зависи од пресметката на Салернитана со Калјари во директниот дуел за опстанокот. Венеција заостанува четири бода зад Салернитана која е прва над цртата и ако тимот од Салерно победи, ќе ја верификува експресната преселба на Венеција во Серија Б, а ќе направи исчекор кон опстанокот зашто во ситуацијата на две кола до крајот ќе им избега на четири бода во однос на Џенова и Калјари кои се во опасната зона.