Барселона обезбеди Лига на шампиони, па близу е да ја завери вицешампионската позиција после денешната лесна победа за нецели 50 минути против Селта Виго со 3-1 во вонредното 36-то коло во шпанската елита.
Пјер-Емерик Обемејанг со два гола и Осман Дембеле со две асистенции беа главните ѕвезди на Каталонците за 21-та сезонска победа, во која француската ѕвезда која зимоска беше на раб на заминување дојде до својата десетта асистенција во новата 2022 година и ниту еден фудбалер во најсилните лиги нема толку асистенции во овој пролетен дел, што очигледно е колку Дембеле напредува кај Чави Ернандез и воопшто нема да биде изненадување ако наскоро и го продолжи договорот на „Камп Ноу“.
Барса работата за победата ја заврши после пола час игра, прво Мемфис Депај погоди на асистенција на Дембеле во 30-та, а Обемејанг го даде својот прв гол 11 минути потоа, за Габонецот три минути во вториот дел да погоди и вторпат и да ја запечати победата, по што Јаго Аспас даде само почесен гол за Селта во поразот.
Барса со победата сега има 72 бода, седум повеќе со меч повеќе од третата Севилја. Селта, пак, остана на 43 бода на 11-то место на табелата.