Фудбалерите на Интер се победници во годинешното издание во Купот на Италија, откако во вчерашното големо финале во Рим го совладаа Јувентус со 4-2 и тоа по продолженија, во меч за кој дефинитивно ќе се зборува многу во следните денови.
„Нераѕурите“ први поведоа преку Барела по седум минути за Мората и Влаховиќ да го направат првиот пресврт на средбата за само 120 секунди на стартот од второто полувреме. Второто изедначување на мечот го донесе Чалханоглу од пенал, предизвика бура од негодувања кај навивачите на составот од Торино, со оглед што Лаутаро Мартинез го изнуди можеби најсмешниот пенал во историјата на ова натпреварување. Тој самиот ја подметна ногата позади противничкиот дефанзивец и падна, а судијата веднаш реагира наседнувајќи на глумата.
Ова значеше дополнителни двапати по 15 минути, во кои на сцена стапи Перишиќ, кој со два гола во четири минути во првото продолжение го постави конечниот резултат.