Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ потврди дека Роберт Левандовски нема да го продолжи договорот со Баерн. Полскиот напаѓач, еден од најдобрите стрелци во историјата на Баерн и Бундеслигата, ќе го напушти клубот на крајот на следната сезона, кога ќе му истече договорот.
“Разговарав со Левa и тој ми рече дека не сака да ја прифати нашата понуда и дека би сакал да го напушти клубот. Тој рече дека сака да игра на друго место”, изјави Салихамиџиќ за германски Sky Sports пред натпреварот на Баерн и Волфсбург. Левандовски наводно сака да се пресели во Барселона, а Салихамиџиќ изјави дека преговорите меѓу Баерн и каталонскиот клуб се уште не се започнати.
Левандовски оваа сезона е најдобар стрелец во Бундеслигата со 34 гола на 33 натпревари. Тој исто така постигна 13 гола на десет натпревари во Лигата на шампионите и два гола во германскиот Суперкуп. Баерн ја обезбеди титулата во Германија и испадна од Лигата на шампионите во четвртфиналето со поразот од Виљареал.