Јирген Клоп стигна до својата шеста титула како менаџер на Ливерпул, откако неговите играчи се погрижија за реприза на „Вембли“, речиси идентична како онаа во Лига Купот.
Што се однесува до финалето, Ливерпул имаше повеќе шанси за триумф во регуларниот дел и во два наврати ја тресеше рамката од голот, додека Луис Диаз промаши и уште неколку изгледни шанси. И Челси имаше свои шанси и еднаш ја погоди гредата преку Алонсо, но на крајот повторно решаваа ударите од 11 метри и одново беше подобар Ливерпул.
Ако во Лига Купот одлучи промашувањето на Кепа во 11-серија, овојпат се заврши во седмата, откако Менди го остави Челси во игра со својата одбрана во петтата серија. Голманот на Челси му одбрани пенал на Мане и го извади капитенот Аспиликуета кој промаши во втората серија, но на крајот како пресудна се покажа одбраната на Алисон во дуелот со Мејсон Маунт. На крајот од седмата серија, како херој за Ливерпул се истакна Гркот Цимикас.
За Ливерпул ова е осма титула во ФА Купот, а единствена лоша вест за Клоп е тоа што натпреварот не го довршија Мохамед Салах и Вирџил Ван Дајк, играчи за кои ќе мора да дава одговори по дуелот на „Вембли“.