Ливерпул е свесен за квалитетот на Килијан Мбапе, но нема да биде вклучен во понудата за доведување на најдобриот светски напаѓач, изјави Јирген Клоп .
Договорот на одличниот Французин Килијан Мбапе со Пари Сен Жермен истекува на крајот на јуни, а актуелен беше неговиот трансфер во Реал Мадрид минатото лето, но на крајот не се реализираше. Челниците на шпанскиот шампион се убедени дека Мбапе ќе ја соопшти својата одлука со кого ќе потпише нов договор во следните две недели и дека од јули ќе го носи дресот на „кралскиот клуб“ во кој би дошол како слободен играч. .
Францускиот напаѓач минатата сезона постигна 36 гола на 45 натпревари за ПСЖ. Секоја екипа би сакала да има таков играч кој има само 23 години во својата соблекувална. Ливерпул не е исклучок, иако Јирген Клоп не сакаше да потврди дека имало контакт помеѓу клубот и францускиот интернационалец.
„Секако дека сме заинтересирани за Килијан. Не сме слепи. Но, немам што повеќе да кажам за тоа“, рече Клоп и додаде:
“Секако дека ни се допаѓа. Ако не ви се допаѓа, тогаш треба да се запрашате што не е во ред со вас. Но, не можеме да учествуваме во борбата за него. Други клубови се вклучени и тоа е во ред. Тој е одличен играч“.
Клоп е повеќе посветен на задржување на својот напаѓачки кадар. Ливерпул преговара за останување со Мохамед Салах, а се шпекулира дека Енфилд би можел да го напушти Садио Мане, за чии услуги интерес покажаа некои клубови, а последен меѓу нив е германскиот шампион Баерн.