Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) објави дека три главни и три линиски судијки ќе бидат меѓу делителите на правдата на овогодинешното Светско првенство во Катар од 21 ноември до 18 декември.
Тоа ќе биде прв пат жени да судат на машкото СП, а Французинката Стефани Фрапарт, Салима Мукансанга од Руанда и Јапонката Јошими Јамашита ќе ја имаат честа да бидат главни судии на најголемиот светски фудбалски фестивал, додека линиски судии ќе бидат Бразилката Неуза Бек , Мексиканката Карен Дијаз Медина и Американката Кетрин Несбит.
“Со ова се заокружува процесот што го започнавме пред неколку години со воведување на женски судии на машките натпревари, прво јуниори, а потоа сениори. Сите тие си го заслужија своето место на Светското првенство бидејќи постојано судат на високо ниво. Како и секогаш, нашата селекција на судиите се заснова пред се на квалитетот“, изјави претседателот на судиите на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
На СП беа избрани вкупно 36 главни судии, 69 линиски судии и 24 видео судии .