Анадолу Ефес доаѓа да ја одбрани титулата во Белград со сличен тим како лани, по сезона полна со подеми и падови. Треба да се каже дека Турците во клучните моменти покажаа дека можат да го издржат притисокот, иако во сезоната влегоа очајно, со четири порази, а првите победи ги поврзаа околу десеттото коло. Можеби клучен за пресвртот беше мечот против Црвена Звезда во Белград кога добија загубен натпревар, со десет поени по ред на Василије Мичиќ, кој во последната секунда го совлада својот поранешен тим од линијата за слободни фрлања.
Во текот на летото, Брајант пристигна од Макаби, како и Петрушев од Мега, Санли и Муса заминаа, но стартната петорка остана заедно. Поради тоа послабиот старт беше неочекуван, но некаде пред последната третина од сезоната одиграа најдобро што можеа. Како Ефес Пилсен (името беше сменето пред десет години кога Турците го забранија рекламирањето на алкохолни пијалоци и тутун во спортот), Анадолу играше во финалето на ФИБА Купот и загуби од Арис, а во средината на 1990-тите го освоија Корач Купот против Стефанел. Ова е златната историја на спортот во Турција, пред тоа ниту еден турски клуб не освоил европски трофеј, сметајќи ги сите спортови.
Помладите не ни паметат дека „Пиварите“, како што ги нарекуваа тогаш, стигнаа до својот прв фајналфор на крајот на векот и го загубија полуфиналето од Панатинаикос. Таа генерација со Туркоглу и Бешок ја внесе Турција во високите ешалони на европската кошарка. Следната година го играа финалето на „Супролигата“ , а повторно ПАО ги запре.
Анадолу Ефес речиси 20 години чекаше нов пласман меѓу најдобрите, го победи Фенер, најголемиот ривал во 2019 година, а финалето го загуби од ЦСКА, но лани сето тоа го наплати со првата европска титула, против Барселона. Атаман ги има сеуште Мичиќ, Ларкин кој игра за Турција од минатата сезона, Моерман, Симон , Синглтон, Плејс, овој тим дефинитивно знае како да победи. Годинава веќе го освоија купот, завршија зад Фенер во турскиот шампионат, но подобро е можеби да играат против Каршијака во плеј-офот, отколку против сензационалната Бурса.
Сепак, за одбрана на титулата во домашното првенство ќе се погрижат подоцна, следува Олимпијакос, грчкиот гигант кого изминативе години редовно го победуваше, но во февруари оваа сезона по продолженија беа поразени во Пиреја.
Олимпијакос е многу поголемо име, но и тим на кој му се даваат најмалку шанси во Белград. Пред десетина години „црвените“ ги живееја најдобрите моменти со две титули, со Душан Ивковиќ, а потоа и со Барзокас. Првата титула, во средината на деведесеттите, е поврзана со легендарниот Дуда Ивковиќ . Олимпијакос долго ја чекаше титулата, но не беа без шанси, освен две титули, загубија три финалиња од 2010 година,а ова ќе им биде 11-то учество во финалето.
Менуваа странци,дојдоа Вокап од Жалгирис, Дорси од Макаби, Квинси Ејси исто така од „Гордоста на Израел“ и центарот Фол . Куфос го напушти клубот, Спанулис се повлече, Џенкинс, Харисон и Октавиус Елис исто така ја напуштија Атина. Тимот е посилен, нема дилема во тоа, Везенков, Слукас, Папаниколау, Принтезис останаа како дух на старите времиња. Се чини дека Грците ја немаат таа длабочина на клупата како нивните ривали, но Барзокас знае како да ја освои европската титула.
Како беше сезоната на Олимпијакос?
Според распоредот, во Пиреја одиграа дури шест од првите осум меча и забележаа шест победи. Како и обично на гостувањата беа полоши , но Армани го победија во Милано, за со четири победи на крајот на зимата да го трасираат патот до плеј-офот. Против Монако реши мајсторката во Грција, во финишот Слукас направи клучни потези во последната четвртина, па Олимпијакос по пет години е на завршниот турнир. Традицијата зборува сама по себе, Олимпијакос во последните 30 години на врвот на европската кошарка победи во 8 од 9 полуфиналиња. Тие се вистински мајстори за вакви игри. Ќе имаат солидна поддршка од домашната публика во Белград поради блискоста со Црвена Звезда, но и тоа не значи ништо, турците ќе имаат и гласни навивачи, плус Ефес е единствениот на фајналфорот кој немаше предност од домашен терен во четвртфиналето. Турците одиграа две полуфиналиња во историјата и двете го добија во последните три години.