Како дел од турнејата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и патот на официјалниот трофеј од Светското првенство, во Скопје пристигна и бразилската леганда Жилберто Силва. Победникот на Мундијалот од 2002 година со Бразил беше пречекан од првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.
На церемонијата, Силва освен што му го врачи пехарот на Пендаровски и се фотографираше со него, кажа и неколку збора. Тој не изостави да ја пофали Македонија за нејзиниот пат кој заврши на чекор до Светското првенство.
„Чест ми е да бидам тука, во држава чии жители го сакаат фудбалот. Специјално е да сум дел од турнејата со трофејот на Мундијалот. Кога зборуваме за него, всушност зборуваме за верба, сништа и инсипрација на младите фудбалери.
Македонија беше блиску да обезбеди пласман на Мундијалот, но треба да продолжите да сонувате, бидејќи со напорна работа ќе стигнете до целта. Фактот дека Македонија беше толку близу мора да ве мотивира и инспирира во иднина. Јас очекувам дека во иднина ќе ја видам вашата земја меѓу најдобрите“, изјави Силва.
Инаку во својата кариера, Силва освен мундијалскиот трофеј го крена и на Копа Америка, а беше дел и од „непобедливиот“ Арсенал на почетокот на овој милениум.