Според Виери многу поразочарувачки се ремијата на Италија со Бугарија, Северна Ирска и Швајцарија со промашениот пенал на Жоргињо, одошто елиминацијата од Македонија во полуфиналниот бараж со голот во 93-та минута на Александар Трајковски.
„Луд дебакл е тоа што Италија нема да игра на Светското првенство. Ми делува сето ова на една – голема шега! Бразил, Германија и Италија се лидери во Мундијалите и никогаш не смеат да прескокнат таков турнир, а Италија еве вторпат по ред нема да игра. И јас не сум толку разочаран за поразот од Македонија во баражот, зашто на такви мечеви секогаш сѐ може да се случи и видовме што се случи. Ама, поразочарувачки за мене е тоа што ние директно преку групата не отидовме на СП. Нема оправдување за тоа дека не успеавме да победиме една Бугарија, Северна Ирска, Швајцарија“, вели Виери.
Италија на 1 јуни ќе игра „финалисима“, своевиден Суперкуп на европскиот и јужноамериканскиот првак, против Аргентина на „Вембли“ во Лондон, а Виери смета дека секој мора да ја понесе одговорноста за катастрофата што ги снајде „аѕурите“.
„Целиот товар и притисок за одговорноста е врз Манчини, ама сите мора да ја преземат одговорноста за неуспехот. Репрезентацијата за мене секогаш била светост и секој неуспех многу ме боли. Тој дрес за мене е нешто најпрестижно“, додаде Виери.