Ракометарите на Вардар ја официјализираа шампионската титула во Суперлигата, славејќи над Тиквеш во последното, 10. коло од плеј-офот.
Натпреварот заврши со 37-25 и тоа доволно кажува за неговиот формален карактер. На Вардар му беше потребна победа за да го материјализира триумфот во Битола, во 7. коло, кој суштински ја донесе титулата.
Денеска во „Јане Сандански“ уште од стартот беше убиена неизвесноста, со 7-1 за црвено-црните по 12 минути игра. Тиквеш се врати, но кон крајот на полувремето имаше уште еден пост, седум минути без гол, па на пауза резултатот гласеше 18-10. Во вториот дел, водството достигна највисоки +13 (28-15, потоа и 37-24), но тренерот Давид Дејвис си дозволи и да го размеша тимот со дел од резервистите.
Тимур Дибиров и Филип Талески беа најефикасни со по десет гола, а добра партија прикажа и Мартин Томовски. Кај Тиквеш предводеше, веројатно, првиот голгетер во Суперлигата, српскиот среден бек Страхиња Симиќ, со седум гола, шест додаде Јане Јанчев.
Вардар ја завршува оваа плеј-оф фаза со 32 бода, недостижни четири бода пред Пелистер, пред битолчани да го одиграат својот дуел од последното коло (против Бутел).