Ракометарите на Македонија вечерва ќе го одиграат вториот натпревар во квалификациите за Европското првенство 2026 на гостински терен против Литванија (17 часот) во Вилнус. Македонската селекција ќе се обиде да ја потврди неодамнешната победа во Скопје над Естонија (37-33).

Ова е далеку посериозен ривал за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, имајќи предвид дека во претходните три дуели со овој противник имаат едно реми и два пораза. Еден од тие мечеви носи голема болка – тој во 2011 година во Адана, кога Македонија ремизираше со Литванија, која, пак, благодарение на повисоката победа над Турција го обезбеди првото место во групата и дојде до пласман на Светското првенство.

„Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна репрезентација од Естонија. Традицијата вели дека немаме победа против неа, затоа мора да се подготвиме добро и да одиме на триумф“, оптимист е Лазаров.

Литванија има две учества на континенталните собири – во 1998 (деветто место) и во 2022 (21. место), како и еден настап на Светско првенство и тоа во 1997 година (10. место). Македонија, пак, има осум настапи на Европските првенства, со најдобар пласман – петтото место во 2012 година во Србија.

„Дуелот со Македонија може да биде клучен за нашиот пласман на Европското првенство, со победа сигурно би имале многу повеќе шанси. Секако и поддршката од навивачите на секој меч е дополнителна мотивација за нашите ракометари, затоа ги повикуваме да дојдат и да ја бодрат нашата репрезентацијата,“ изјави литванскиот селектор Гинтарас Савукас.

Во нашта квалификациска група, денеска силите ќе ги одмерат и Словенија и Естонија. Во квалификациите за ЕП 2026 учествуваат 32 репрезентации, а пласман обезбедуваат двете најдобри од секоја група и четири од третопласираните селекции.