Кошаркарите на Црвена Звезда поведоа вечерва со 1:0 во победи во финалната серија од плејофот на АБА лигата. Тие пред своите навивачи во салата „Александар Николиќ“ во Белград го добија првиот меч од оваа серија со резултат 90:76.
Партизан добро го започна натпреварот, а тоа особено се однесува на младиот центар Балша Копривица, кој многу брзо стигна до седум поени. Звезда возврати со серија од 7:0, но црно-белите стрелаа одлично за три поени, погодуваа и Аврамовиќ, Ледеј, Мадар, а во првата делница Партизан почесто беше во водство.
Во втората четвртина резултатот беше 23:19 во корист на Партизан, а по тројката на Ледеј црно-белите стигнаа до „плус седум“ – 26:19. Звезда возврати со тројките на Добриќ, а со поените на Митровиќ црвено-белите релативно брзо го анулираа ова водство на Партизан и стигнаа до израмнување на 28:28.
Со поените на Мадар и Аврамовиќ, Партизан за кратко повторно дојде до пет поени предност, но крајот на првото полувреме го одбележа Дејан Давидовац, кој ја презеде главната улога во домашниот тим и беше десет најефикасен по првото полувреме, кое Звезда го реши во своја корист со 42:39.
Почетокот на третата четвртина целосно и припадна на Црвена звезда која на крилата на Нејт Волтерс, кој врза пет поени, стигна до најголемата предност од почетокот на мечот – 48:39. Жељко Обрадовиќ реагираше со тајм-аут, но тоа не им помогна на црно-белите кои не го искористија и следниот напад, а Добриќ дополнително ја зголеми предноста на Звезда – 50:39.
Серијата на Звезда од 11:0 ја прекина Кевин Пантер со поени од линијата за слободни фрлања, но Звезда беше разиграна, Добриќ погоди нова тројка за нова најубедлива предност, па уште една од над осум метри за 56:43.
Од друга страна, Пантер горе-долу го држеше во игра Партизан, но црно-белите не успеаа ништо да одбранат во третата четвртина, а Партизан успеа да дојде до едноцифрена негатива на влезот во последните десет минути.
Почетокот на четвртата четвртина го одбележа Далас Мур во тимот на Партизан, погоди две тројки, црно-белите заостанаа шест поени – 70:64, но на другата страна Никола Ивановиќ погоди и многу брзо Звезда ја зголеми разликата на десет поени во нивна корист – 76:66.
Последните неколку минути од овој меч беа прилично долги поради честите прекини и бришење на паркетот во неколку наврати, со оглед на тоа што беше доста топло во салата, но и поради тоа што се појави течност на подот. Имаше уште некои тензии поради одредени судиски одлуки, но Звезда не им дозволи на црно-белите повторно резултатски да се доближат и без голема неизвесност искусно го приведоа мечот кон крајот.
Дури пет играчи на Звезда вечерва имаа двоцифрен поентерски ефект. Најефикасен во победничкиот тим беше Никола Ивановиќ со 18 поени и пет асистенции, Добриќ застана на 14 (тројка 4/5), Митровиќ исто така заврши со 14 со три скока, Волтерс 11, а Давидовац остана на 10 поени од првиот дел. Никола Калиниќ вечерва не беше на вообичаеното ниво, само три поени, но тоа е донекаде и разбирливо со оглед на тоа што денеска стана татко, па неговата концентрација не беше насочена само кон овој меч.
Кај Партизан Пантер 15, Ледеј 11, а Аврамовиќ како Давидовац на другата страна ги постигнаа сите 10 поени во првото полувреме. Десет поени имаше и Далас Мур, сите во вториот дел.
Финалната серија продолжува во недела на истото место, Звезда повторно ќе биде во улога на домаќин.