Дончиќ и Ирвинг двете ѕвезди на Далас донесоа победа за Маверикс на синоќешното дерби со Филаделфија, со што тексашаните ја прекинаа серијата од два порази. Кошаркарите на Далас славеа со 133:126, Лука Дончиќ заврши со 42 поени, 12 асистенции и четири скока, додека Кајри Ирвинг постигна 40 поени, со шест асистенции, четири скока и три украдени топки.

Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг конечно покажаа, фантастична индивидуална игра, која донесе тимска победа над Филаделфија.

Тие се само петтиот тандем во последниве 30 години во НБА-лигата, со 40 или повеќе поени. Магичната ноќ ја најавија уште рано во мечот, Дончиќ заврши со 17 поени во првиот период, а по првото полувреме и двајцата имаа 20+ поени, комбинирајќи 45.

На спротивната страна, вториот стрелец во лигата, Жоел Ембид заврши со 35 поени, помогнат од Џејмс Харден со 27 коша и 13 асистенции, како и од Тајрис Макси со 29 поени.

 

Во Сан Франциско, Голден стејт дојде до четвртата победа во серија, нанесувајќи му го на ЛА Клиперс четвртиот пораз по ред, со 115-91. Се уште без Стеф Кари, актуелниот шампион демонстрира тимска игра, а Џордан Пул беше лидер со пет тројки и вкупно 34 поени. Со оваа победа, Голден стејт дојде до петтото место на Западот (33-30), во зона за плеј-оф, иако пред само една недела  беше во плеј-ин позициите. Клиперс, кои се директни конкуренти во овој дел од табелата, паднаа на седмо место со скор 33-32.

Клеј Томпсон постигна 19 поени и 11 скокови, а кај Клиперси најефикасен беше Каваи Ленард со 21 поен.

На другите две средби, Вашингтон го победи Торонто со 119-108, а Сан Антонио беше подобар од Индијана со 110-99.