Битолчани сега се само на чекор до историско прво финале во клупската историја, за што им треба уште еден триумф. Неизвесноста на вечерашниот меч траеше само неколку минути, по што кошаркарите на тренерот Илиевски направија фантастична серија 23-4 со која дојдоа до огромни плус 19 како најава за крајниот епилог.
Пелистерци на стартот од второто полувреме поведоа и со огромни 27 поени разлика, по што дојде до големо опуштање, што противникот го искористи сериозно да ја намали негативата. Еуро Никел со осум поени во низа на крајот од третиот период дојде на „само“ 15 поени негатива , а во финишот и до минус осум, но немаше сили ниту време за комплетна сензација.
Малешевиќ со 27 и Кесар со 24 поени беа убедливо најдобрите во победничкиот тим, додека Ѓекиќ со 24 поени беше најпрецизен кај гостите од Кавадарци.
Вториот меч се игра в недела во Кавадарци, додека евентуалната „мајсторка“ би се играла следниот вторник, повторно во Битола. Во второто полуфинале, МЗТ Скопје игра против ТФТ.