МЗТ Скопје триумфално ја започна одбраната на титулата, откако славеше со ТФТ (77-52) во вчерашниот прв меч од полуфиналната плејоф-серија, што се игра до две победи.
Аеродромци полесно од очекувањата го совладаа градскиот ривал, кој сезонава им беше тврд орев со оглед на двете победи во меѓусебните дуели, позначајната во финалето од Купот на Македонија, а втората на стартот од Суперлигата.
Немања Милошевиќ беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 13 поени, постигнати без ниту едно промашување од поле, Дејвис реализира 12 поени, додека браќата Дамјан и Војдан Стојановски средбата ја завршија со по 10 поени. Хортон со 13 поени беше најпрецизен кај гостите од скопската населба Тафталиџе.
Актуелниот првак, за кого ова беше десетта победа по ред, прва шанса за пласман во финале ќе има в недела, кога му гостуваат на ТФТ, додека евентуалната „мајсторка“ би се играла во вторник повторно во „Јане Сандански“.