Вечерва од 21 часот на стадионот во Париз ќе се одигра финалето од Лигата на шампионите меѓу фудбалерите на Реал Мадрид и Ливерпул.
Цел свет со нетрпение го очекува одговорот на прашањето кој е моментално најдобар на „Стариот континент“ и кој ќе го крене популарниот трофеј.
Од една страна, Мадрид со рекордни 13 титули, предводен од Карим Бензема и неверојатен пат до финалето – три чудесни пресврти против ПСЖ, Челзи и Манчестер Сити, а од друга страна Ливерпул, кој иако ја загуби титулата во Премиер лигата, можеби се смета за благ фаворит.
“Се може да се случи во финалето. Мораме да бидеме подготвени на се. Има работи кои не можете да ги контролирате. Имавме доволно време да се подготвиме и подготвени сме за финалето”, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти на прес-конференцијата.
Италијанскиот стручњак по петти пат ќе го води тимот во финалето, на претходните четири победи двапати со Милан и еднаш со Реал, а загуби само во култниот меч Милан – Ливерпул во Истанбул по предност од 3:0 на полувреме.
Знам дека звучи чудно, но мислам дека мојот тим одигра најдобро во финалето што го загубив“, истакна Анчелоти.
Реал е во исклучителна серија од седум последователни победи во финалето, која започна во 1998 година со голот на Предраг Мијатовиќ против Јувентус во Амстердам.
Тие победија во последното финале против Ливерпул, во 2018 година во Киев, со 3:1.
“Верувам дека научивме многу од тој натпревар, дека созреавме. Оттогаш многу пораснавме како тим. Дали подготвувам изненадување? Не, ако се обидов да им претставам нешто ново на моите играчи пред овој натпревар, би мислеле дека сум нервозен, но навистина не сум“, изјави Јирген Клоп, кој по тој пораз, следната сезона, на Ливерпул му го донесе шестиот трофеј во историјата со победата од 2-0 против Тотенхем во финалето.