По позитивниот почеток и убедливата победа во Скопје над Босна и Херцеговина, одбојкарската репрезентација на Македонија испушти голема шанса за нови бодови во групата А од Европската сребрена лига. На гостувањето во Галаци, „спартанците“ се вратија од негатива од 2-0, но во клучниот сет остана без сили за целосен пресврт и загубија од домашната селекција на Романија со 3-2.
Уште пред стартот на квалификациите за завршницата во Сребрената лига, одбојкарите на Романија можеа да уживаат во фаворитската улога за првото место во нашата група, но тоа не го докажаа на денешниот натпревар, затоа што видливи беа нивните слабости и пропусти во играта.
Нашите одбојкари имаа одличен старт на натпреварот и долго време го имаа водството во првиот сет, но во клучните моменти домаќинот фати ритам и со серија поени се избори за 25-22 и предност од 1-0 во сетови. Израмнето се играше и во воведниот дел од вториот сет. Македонија го следеше чекорот на фаворизираниот противник, но по 11-10 нашата игра се распадна и Романија со 25-15 си обезбеди сигурно водство.
Во третиот сет им приредивме големо изненадување на домаќините, откако овој пат момците на новиот селектор Павличевиќ беа тие кои што го зададоа клучниот удар и со 23-25 намалија на 2-1, и ја вратија неизвесноста на натпреварот. „Спартанците“, осоколени по одличната претстава во третиот сет, и во следниот продолжија да го „толчат“ противникот и тоа донесе убедливи 19-25 и израмнување на 2-2. Сепак, во одлучувачкиот сет среќата беше на страната на домашните одбојкари, кои со 15-13 ја извојуваа втората победа во групата.
Следен противник на нашите одбојкари е селекцијата на Албанија, натпревар кој се игра во Скопје на први јуни.