Русинот мораше да си замине поради санкциите кои му беа наметнати од британската влада поради инвазијата на неговиот пријател, Владимир Путин, врз Украина, а кои станаа пречка за нормално функционирање на „сините“. Абрамович веднаш по официјализацијата на продажбата со емотивно писмо се збогува со Челзи и со неговите навивачи.
„Во изминативе три месеци по објавата на намерата да го продадам Челзи, тимот работеше напорно за да го најде вистинскиот сопственик кој би можел успешно да го води клубот во неговото следно поглавје. Сопственоста на овој клуб доаѓа со голема одговорност. Откако дојдов во Челзи пред речиси 20 години, од прва рака бев сведок на сите успеси на овој клуб. Мојата цел беше да се осигурам дека следниот сопственик има начин на размислување што ќе овозможи понатамошни успеси на машкиот и на женскиот тим, како и волја и желба да продолжиме да ги развиваме другите клучни аспекти на клубот, како што се Академијата и работата на Фондацијата Челзи. Задоволен сум дека дојде до успешен договор. Додека го предавам Челзи на неговите нови сопственици, би сакал да им посакам сѐ најдобро и на теренот и надвор од него. Беше чест да бидам дел од овој клуб и би сакал да им се заблагодарам на сите минати и сегашни играчи, персоналот и секако навивачите на клубот за овие неверојатни години. Горд сум што како резултат на нашите заеднички успеси, милиони луѓе сега ќе имаат корист од новата добротворна фондација која се формира. Ова е наследството што го создадовме заедно. Ви благодарам“, се вели во писмото на Абрамович.
Рускиот тајкун го купи Челзи во 2004 година, по што речиси преку ноќ стана фактор не само во англискиот туку и во европскиот фудбал.