Еден од бескомпромисните борци во оваа гернерација е Бобан Николов, кој распоредот го оцени како катастрофален, посебно што доаѓа на крај на сезона, ама најавува дека и ова ќе го истурка Македонија и ќе победи. Целта е прво место во групата кое носи Б-дивизија, бараж за Еуро 2024 и евентуално трет барабан во квалификациите за континенталниот шампионат во Германија.
„Тука сме за да ги одиграме овие четири меча, а кога доаѓаш за репрезентацијата ништо не е тешко. Катастрофа е ова за десет дена да играш четири меча, но не може во тоа да навлегуваме ние, си има нови правила. Ќе биде тешко, но не бараме оправдувања. Ќе покажеме и во четврток и во овие четири меча дека можеме, ќе го истуркаме ова и ќе победиме.Ако играме како што знаеме, не треба да се фокусираме на Бугарија, туку само на нас. Ако играме како што знаеме ќе ги добиеме. После ќе размислуваме за Гибралтар, Грузија…“, вели Николов.
Тој потенцира дека во моментов сиот фокус е само на Бугарија, а тоа што се случи во март со Италија и Португалија во мундијалскиот бараж останува во историјата.
„Наша цел е првиот меч, не не интересира другите мечеви. Прво се фокусираме со Бугарија, знаеме и не бегаме од улогата на фаворити. Знаеме прво место што носи, шанса пак да играме на едно Европско првенство. Тоа што се случи со Италија и Португалија да го оставиме зад себе и треба да се фокусираме на нови предизвици. Сега треба да сме уште повеќе концентрирани и да покажеме дека ништо не е случајно во фудбалот“, вели Николов.
Милевски за овој циклус повика три нови дебитанти во досегашните младински репрезентативци Енис Фазлагиќ, Томче Гроздановски и Бојан Димовски, а Николов посочува дека се квалитет кој ќе дадат придонес плус во националниот тим
„Секој што е тука со нас, не случајно е тука, момците се одлични, ја минаа младата селекција, квалитетни се и многу ќе ни помогнат зашто играат во добри клубови. Сите што се тука во репрезентацијата ќе помогнат на било каков начин, ние сме тука на нив да им дадеме поддршка и мислам дека добро се вклопија и мислам дека подолго време ќе останат со нас“, заврши Николов.