Со мечот против Бугарија на гостински терен репрезентацијата на Македонија ќе го започне учеството во Лига Ц на Лигата на нации.
Избраниците на Благоја Милевски направија скок и сега ќе играат ранг погоре во новоформираното натпреварување. Противниците покрај Бугарите во групната фаза ќе ни бидат Гибралтар и Грузија.
Настапот во ЛН носи убава парична заработка за секој од учесниците. Очекувано најплатени се репрезентациите во Лига А, кои со самото учество добиваат 1,5 милиони евра и идентична сума за победа во својата група. Во Лига Б сумата се намалува на еден милион евра, а селекциите од Лига Ц добиваат по 750.000 евра. Најмалку заработуваат учесниците во групите од Лига Д (500.000 евра).
Претходното издание Македонија го искористи за да обезбеди пласман на Европското првенство 2020. Цел на „рисовите“ е да се најде меѓу најдобрите репрезентации на стариот континент и на шампионатот за две години во Германија.