Познатиот англиски селектор Алан Пердју се врати на фудбалот пред неколку месеци по пауза од две години. Тој ја водеше екипата на ЦСКА Софија. Но, по само 48 дена, соработката ненадејно заврши, а во центарот на сето тоа беше расистички скандал.
Како што самиот објави во јавноста, си замина поради расистички инцидент кој се случи во пресрет на последниот домашен натпревар. ЦСКА во мај играше со Ботев од Пловдив, а домашните навивачи незадоволни од лошите резултати и поразот во финалето на Купот го нападнаа автобусот на тимот и фрлаа шишиња и банани, со гласни расистички извици.
Тогаш четворицата црномурести играчи одбија да играат за ЦСКА, но раководството на клубот ги убедило да играат сепак, што дополнително го налутило Пердју. На крајот се раздели со софискиот прволигаш, а со него тргна и целиот стручен штаб. Врвот на кариерата Пердју го помина во Њукасл, а во 2012 година заврши на петтото место во Премиер лигата, поради што беше прогласен за тренер на сезоната.
Во своето проштално писмо тој вели: „Ми беше чест да бидам дел од овој клуб, но за жал дојде време да се збогувам. Инцидентите пред, за време и по тој контроверзен натпревар не се прифатливи за мене, мојот штаб и играчите. Не сакам да ги претставувам тие расисти навивачи, тоа не е вистинскиот пат за ЦСКА, тоа е клуб кој заслужува повеќе. Но, не жалам за ништо, само сакам подобра иднина за овој клуб“.