Македонија во секој сегмент на фудбалската игра ја надигра Бугарија, имаше поголем посед, постојано притискаше, имаше повеќе шанси, повеќе шутеви кон гол, но сето тоа на крајот беше заслудно зашто не го победивме источниот сосед, кој вечерва треба и да слави што остана непоразен во пресметката со нашата репрезентација.
Бугарија не покажа за 90 минути ама баш ништо, освен противнападот по кој Кирил Десподов ни даде гол од нивниот прв напад кон нашиот гол, после двојното проигрување со Ивајло Чочев. Сѐ друго беше во знакот на Македонија, но ни затаи и реализацијата, а пред сѐ затаи завршното додавање после кое можевме уште повеќе шанси да направиме и евентуално да дојдеме во уште повеќе можности за гол.
Милан Ристовски во 50-та минута израмни по првиот наш напад во вториот дел, а дотогаш Николај Михајлов со лице му одбрани зицер на Енис Барди во 21-та минута, шутот на Дарко Чурлинов во воведните десет беше изблокиран, Михајлов спасуваше чист гол во 55-та после прекрасниот шут на Езџјан Алиоски… А, уште десетина пати македонските фудбалери беа во ситуации каде еден вистински потег отвораше стоотстотна шанса, но секојпат тоа завршно додавање недостигаше, па полушансите не знаевме да ги искористиме.
Во судиското надополнување, драма околу потенцијален пенал за Бугарија, но ВАР исправно пресуди дека нема ситуација за најстрога казна после шутот на Мартин Минчев во лактот припоен кон тело на Висар Муслиу.
На крајот завршивме со 15 шута (5 во рамки на голот) наспроти само трите на Бугарија, која од единствениот директен ни даде гол, со стотина повеќе додавања, со поголем посед на топката и со повеќе изведени корнери, зашто Бугарија изведе еден.
Следен меч на Македонија е гостувањето во недела кај Гибралтар, додека Бугарија ја пречекува Грузија, исто така во Разград, за три дена.