Македонскиот теквондист Дејан Георгиевски донесе нов медал за Македонија.
Младиот бутелчанец ја освои бронзата на Гранд при Рим тунирот од серијата Г6. Овој турнир е највисоко рангиран во светското теквондо, над него се само Олимписките игри и Светското првенство, а повисоко котира и од Европското првенство.
Георгиевски имаше шанса да се пласира во финалето, меѓутоа налета на поранешниот олимписки шампион Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска и со 4-2 го загуби полуфиналниот дуел. Скопскиот теквондист поради тоа се закити со бронзениот медал на овој собир.
На Гранд при Рим, Георгиевски тргна од второто коло поради високиот коефициент. Тој на патот до полуфиналето го победи Роберто Бота од Италија (2-1) и во третата рунда славеше со Маикон Сеиквира од Бразил (2-0). Со овој резултат, Дејан Георгиевски го донесе првиот медал за Македонија на Гранд при турнирите.