Шпанскиот тенисер Рафаел Надал го освои годинешниот Ролан Гарос откако во финалето на стадионот „Филип Шатрије“ го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 3:0 (6:3, 6:3, 6:0) по два часа и 20 минути игра.
„Бикот од Мајорка“ така стигна до својата 22. Грен слем титула и сега има две повеќе од Новак Ѓоковиќ и Рожер Федерер. Инаку, тој од утре ќе биде четвртиот тенисер во светот.
Рафа блескаше во ова финале во кое беше апсолутен фаворит и поради искуството и квалитетот и поради фактот што го имаше за противник Руд , кој изненадувачки стигна до самиот крај на турнирот. Во првиот сет доволни му беа два брејка за да поведе, а потоа статистиката го кажа своето – и беше во право. Имено, Рафаел Надал има скор 100:1 на Ролан Гарос во кариерата кога го добива првиот сет! Нереално, а и овој пат испадна вистина.
Руд имаше добар моментум на почетокот на вториот сет и се чинеше дека можеме да видиме поинтересен дуел. Норвежанецот на стартот оствари предност од 1:3, но Рафа веднаш возврати и потоа почна да руши се пред себе. Ги освои следните 11 гема, што јасно ја покажува доминацијата во вториот и третиот сет. Руд беше индиспониран, тој практично му испраќаше зицери на својот ривал, но често беше и многу непрецизен.
Ова беше 14-та титула за Рафаел Надал на Ролан Гарос, а своето апсолутно владеење уште еднаш го потврди на француската земја.