Офанзивецот на репрезентацијата на Македонија, Милан Ристовски го даде своето видување пред натпреварот кој на „Тоше Проески“ арената ќе го одиграме против селекцијата на Грузија.
Ристовски истакна дека е скенирана играта на Грузијците и дека е подготвен и нашиот систем на игра, па во четврток очекува позитивен резултат.
– Го покажавме нашиот квалитет на овие два натпревари, но сметам дека можеме уште многу повеќе и се надевам дека тоа ќе го покажеме против Грузија. Сигурно е дека двете победи се од големо значење за самодовербата на Грузија, јасно е дека ќе биде тежок натпревар, ќе бидат мотивирани против нас, се борат за првото место, но ние веруваме во нас, во селекторот, во нашиот квалитет и со желба и борба ќе дојдеме до позитивен резултат.
– Одиме од натпревар во натпревар, направивме анализа за нив и знаеме каде се силни, а кои се нивни слабости. Мислам дека треба да се концентрираме на нашата игра и се надевам дека ќе бидеме успешни во четврток, -изјави Милан Ристовски.