Швајцарскиот тенисер Рожер Федерер денеска за швајцарскиот канал СРФ изјави дека „тенисот треба да почека уште малку“, иако се уште има за цел да се врати на теренот во септември на Лејвер купот, по пауза од повеќе од една година.
Федерер за една и пол година три пати го оперираше десното колено.
„Работите полека напредуваат. Имав операција на крајот на август и тогаш знаев дека ќе треба уште малку да закрепнам“, изјави Федерер.
Некогаш најдобриот тенисер на светот моментално е фокусиран на „физичката подготвеност“, и да оди во теретана „пет до шест пати неделно“.
„Морам да бидам трпелив и полека да напредувам. Верувам дека ќе имам повеќе информации во наредните месеци“, рече тој.
Федерер сака да се врати на терените во септември во Лондон на Лејвер купот, а потоа да игра на турнирот во неговиот роден град Базел од 24 до 30 октомври.
Швајцарскиот шампион, кој освои 103 трофеи во текот на својата повеќе од 20-годишна кариера, одигра само шест натпревари во 2020 година и 13 во 2021 година.
Федерер го одигра последниот натпревар на Вимблдон 2021 година, а моментално е на 50. место на АТП листата.