Актуелниот чувар на мрежата на Вардар, беше гостин во емисијата „Ферплеј со Јана“, на Телма и таму сподели дека не по своја волја е надвор од репрезентацијата две години и пол години.
„Јас сум тргнат од репрезентацијата политички, по наредба на икс висок човек, не е ни важно не сакам да навлегувам. Меѓутоа сите тие пресметани ризици јас ги знаев и пред да застанам јавно на една политичка страна. Не очекував дека ќе биде толку радикално против мене, но јас сум човек кој е независен од никого и апсолутно ослободен од сите стеги на општеството и финансиски и човечки и карактерно и како да е. Во иднина ќе бидам уште порадикален и јас, затоа што треба да се направат промени во спортот, за навистина да се дадат шанси на млади деца, кои навистина заслужуваат, а не да се користи спортот за политички цели. Јас тоа нема шанси да го толерирам, не толерирам неправди, така што тие се некои две-три работи кои ме испровоцираа да застанам и да заземам страна, зашто верувајте дека во Македонија спортот не ни оди во добра линија.“, изјави Борко.
Во оваа насока го објасни и своето инволвирање на политичката сцена во Македонија. Тој не е дел од националниот тим на Македонија од јануари 2020 година, кога бранеше на нашиот евро-настап во Виена. По глобалната пауза поради Ковид-19, го пропушти СП во Египет во 2021 година, како и квалификациите и настапот на ЕП 2022, прво под водство на Данило Брестовац, а потоа и под Кире Лазаров.