Лудата финална серија во НБА лигата доживеа нова пресвртница. Откако се вратија од негатива со одличната партија на Стивен Кари, кој постигна 43 поени во Бостон и израмни на 2-2 во серијата, Голден Стејт Вориорс победија и на домашен терен – 104:94 и дојдоа на чекор до славење во големо финале и освојување на нов прстен.
Во петтиот натпревар од финалето на плејофот во НБА, Голден Стејт Вориорс ги победија Бостон Селтикс пред 18.064 гледачи во нивниот Чејс центар и поведоа со 3-2 во серијата до четири победи .
Првиот меч за освојување на титулата „воините“ ќе го имаат на 16 јуни во Бостон, а евентуалниот седми натпревар би се одиграл повторно на 19 јуни во Сан Франциско.
Голден Стејт ја брка седмата титула во НБА во своето 12-то финале, додека Бостон се бори за рекордната 18-та титула во 22-то финале.
Промашените тројки беа приказната на вечерта, вкупно двата тима упатија дури 72 шута за три поени, а погодија само 20. Вориорс шутираа 9-40 за три поени, а гостите 11-32.
Домаќинот подобро го отвори натпреварот и по шест минути игра имаше 10 разлика (14-4), а во 10. минута +16 (24-8). До крајот на четвртината Бостон намали на 11 поени (27-16).
Во второто полувреме Вориорс имаа +14 (32-18) и на пауза заминаа со 12 поени плус (51-39).
Третата четвртина донесе будење на Бостон и по пет минути во продолжението гостите израмнија на 55-55, а потоа првпат поведоа на мечот со 58-55. Имаа и +4 (65-61), но Голден Стејт го промени резултатот и до крајот на четвртината поведе со 75-74.
Тимот на Стив Кер брилијантно влезе во последната четвртина. Со серија од 10-0 побегнаа на 85-74, а потоа и на големи 14 разлика (93-79). До крајот на натпреварот Бостон успеа само да го ублажи поразот до конечни 104-94.
Домашниот тим до победата го одведе Ендрју Вигинс со 26 поени и 13 скока, Клеј Томпсон постигна 21 поен, а Стивен Кари 16 поени со осум асистенции, но за три поени имаше очајни 0-9. Гери Пејтон II додаде 15, а Џордан Пул 14 поени.
„Вигинс беше фантастичен, не само во оваа серија, туку и во плеј-офот“, рече тренерот Стив Кер.
„Тој беше стартер на Ол-старс со причина. Колку поголем предизвик фрламе кон него, толку е поголем неговиот одговор. Сакате таков човек во својот тим“, додаде Дрејмонд Грин, кој постигна осум поени со осум скока и шест асистенции.
Покажувајќи самодоверба и одлучност во текот на целиот натпревар, Вигинс го симна притисокот од Кари и ја прикажа најдобрата игра досега во неговата осумгодишна кариера. И сега е чекор кон првата титула во кариерата.
„Ова е животна можност. Тоа е нешто за што работев напорно, нешто за што тимот работеше напорно“, рече 27-годишниот Канаѓанец.
Кај Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 27 поени и 10 скока. Маркус Смарт постигна 20, а Џејлен Браун 18 поени.
„Дефинитивно не бевме толку агресивни како што требаше да бидеме таму. Ги правеввме работите што тие сакаа од нас. Сега се потпираме со грбот на ѕидот и треба да видиме од што сме создадени“, изјави Ал Хорфорд кој имаше учинок од девет поени и девет скока.
„Ова е финале, нема да биде лесно. Не треба да биде“, рече Тејтум.
Тренерот Име Удока очекувано не беше среќен.
„Третата четвртина покажа како треба да играме. Кога сме најдобри, топката едноставно се движи. Мислам дека третата четвртина го покажа тоа. Погонот и ударите беа одлични, а момците добиваа отворени шутеви“, рече Удока.
Да додадеме дека Кер ги води Вориорс на 25-годишнината од неговиот победнички кош во шестиот натпревар од финалето на НБА кога Чикаго Булс ги победи Јута Џез и ја освои титулата.
„Неверојатна меморија, нешто за што секој млад кошаркар сонува. Така да ако може тоа да се доживее е прилично неверојатно“, рече Кер.
„Меѓутоа, поради фактот што тоа беше пред 25 години, се чувствувам стар, се разбира“, рече тој со насмевка.