Светското првенство во Катар ќе биде единствено по многу нешта.
Тоа ќе биде првиот планетарен шампионат што ќе се одржи во зима, од 21 ноември до 18 декември, на средината на сезоната. Катар ќе биде најмалата земја која ќе го организира најголемиот фудбал и според многумина најголемото спортско натпреварување со површина од 11.500 km2 и помалку од три милиони жители.
Покрај овие специфики поврзани со датумот и организаторите на Светското првенство, првенството во Катар ќе се разликува од останатите и по промената на правилата по кои ќе се игра првенството.
Вчера ФИФА донесе одлука според која секој тим ќе може да направи по пет измени во играта, а денеска беше променето уште едно правило.
Репрезентациите на следниот Мундијал наместо досегашните 23 ќе имаат 26 играчи.
Така, наместо досегашните тројца голмани и 20 играчи во поле, селекторите покрај тројцата голмани на Мундијалот ќе водат уште 23 фудбалери.
На тој начин селекторите ќе имаат многу помала мака при објавување на конечниот список за СП, а повеќе простор за комбинирање кога ќе почне натпреварувањето.