Еден од најпознатите и најрелевантни новинари на Островот, Дејвид Орнштајн од „Атлетик“, ја објави оваа информација, а Боели после преземањето на клубот од Роман Абрамович сакал да ги изненади своите навивачи и ваквиот бомбастичен трансфер да биде најава за многу добри времиња на лондонските „сини“.
Роналдо е незадоволен во Манчестер јунајтед, единствениот клуб во кој играл на Островот (ова му е втор мандат) поради фактот што клубот нема да игра во ЛШ, а Португалецот не е убеден дека тимот ќе биде конкурентен за трофеите и во новата сезона. Но, проблем е што малку клубови може да му ги задоволат големите апетити за платата која е најголема во Премиерлигата од 30 милиони евра годишно.
Роналдо пред неколку дена се поврзуваше и со можен трансфер во Баерн Минхен како замена за Роберт Левандовски, кој веќе извесно е дека ќе оди во Барселона, но Баварците експресно ја одбија таа опција, најмногу и поради високите примања, но и староста на Роналдо.
Португалскиот ас, кој е најдобар стрелец на сите времиња во светот и клупски и репрезентативно лани се врати во Манчестер јунајтед и тоа во „пет до 12“ откако сер Алекс Фергусон го разубедил зашто беше пред договор со Манчестер сити. Има договор и за оваа сезона, но наводно има и клаузула да може експресно да го раскине поради тоа што „ѓаволите“ не обезбедија учество во ЛШ.