Крилниот центар Бојан Крстевски е еден од поискусните играчи во актуелниот ростер на Македонија. 33-годишниот кошаркар на МЗТ Скопје ги најави следните два предизвика против селекциите на Шпанија и Украина, последни за нас во втората фаза од квалификациите за Мундобаскетот.
„Веќе се навикнавме на ваква ситуација, затоа што никогаш досега не бевме комплетни, меѓутоа што е тука е, ова е шанса за некои од новите генерации да покажат што знаат и умеат. Нема да биде воопшто лесно против Шпанија и Украина, мора да се прикажеме во добро светло, а и за младите да стекнат некое искуство за иднина, а ние сме сите тука да им помогнеме. Имавме некои солидни моменти во овие квалификации, но не дојдовме до победа на крајот. Мислам дека тогаш пресуди скратената ротација, ако го имавме цел тим, можеше да биде поинаку. Младите се вклопуваат добро, за нив ова ќе биде одлично искуство. Гледам во сите голем потенцијал за иднината, исто и во У20 репрезентацијата, од таму имавме со нас во минатото лето неколку момци. Се наоѓаме на добар пат, добро е помладите да си фатат ритам уште од помлади години за да стекнат искуство, а за талент несомнено дека имаме“, изјави Крстевски.
Натпреварот меѓу Шпанија и Македонија се игра во Сарагоса на први јули, додека вториот дуел меѓу Македонија и Украина е во Скопје на четири јули.