11-годишната соработка помеѓу Пабло Ласо и Реал Мадрид дојде до крајот. Трофејниот кошаркарски тренер го напушта кормилото на клубот поради здравствени ризици после срцевиот удар.
Откако Пабло Ласо доживеа срцев удар пред крајот на сезоната, Реал Мадрид реши да ја прекине соработката со 54-годишниот тренер поради здравствени причини, иако тој имаше уште една година од договорот.
“Реал Мадрид одлучи да не го задржи Пабло Ласо како тренер на првиот тим само поради здравствени причини. По срцевиот удар што го доживеа тренерот пред неколку недели, Реал Мадрид разговараше со неколку лекари и кардиолози. Сите се согласија дека постои јасен ризик по неговото здравје ако продолжи со водење на првиот тим“, соопштија од клубот.
Така дојде до крај на најдолговечниот тренер во Евролигата. Ласо го водеше Реал 11 години и освои 22 трофеи, вклучувајќи две Евролиги, шест АЦБ-лиги, шест Купа на Кралот и шест Суперкупа .