Одлуката на предводниците на светскиот тенис да не се бодува годинешното издание на „Вимблдон“ поради одлуката на организаторот да не дозволи играње на руски и белоруски тенисери донесе небулозна ситуација во која тенисерите кои играа во големото финале бележат драстичен пад на АТП-листата.

Новак Ѓоковиќ, кој седми пат дојде до трофејот во Лондон, од денеска е дури седми тенисер на светот, со оглед што загуби 2.000 бодови кои ги бранеше од ланската победа на овој гренслем-турнир. Ова е само почеток на драстичниот пад што може да му се случи на Србинот, особено ако не му биде дозволено да влезе во САД и да настапи на „Ју-Ес опен“, каде што брани 1.000 бодови од ланското финале.

 

Со сличен проблем се соочи и неговиот вчерашен ривал, Ник Кирјос, кој иако првпат играше гренслем-финале, од денеска е пет места подолу на АТП-листата односно е 45. тенисер во светот. Голем губитник е и ланскиот финалист на „Вимблдон“, Матео Беретини, кој поради Ковид-19 се откажа пред самиот старт, па сега падна на 15. место.

Прв на листата останува Данил Медведев, кој не играше во Лондон, но кој остана без само 180 бодови, колку што загуби и второпласираниот Александер Зверев, кој годинава не играше поради повреда. На сметка на Ѓоковиќ, по едно место напредуваа Рафаел Надал, Каспер Руд и Карлос Алкараз, а во најдобрата десеторка се наоѓаат Андреј Рубљов, Феликс Оже-Алијасим и Јаник Синер.