Фудбалерите на Партизан ремизираа на гостувањето во Ниш со Раднички со резултат 3:3 во второто коло од домашното првенство.
Можеби на крајот од сезоната ќе испадне дека натпреварот на сезоната во Србија се одигра на самиот старт .
Навестување за тоа добивме веќе во втората минута кога искусниот Саша Марјановиќ од голема далечина дијагонално ја испрати топката во противничкиот шеснаесетник. Таа некако стигна до Бојан Млаѓовиќ, стоперот на Раднички, кој го носи својот тим во водство.
Малкумина тогаш очекуваа дека дефанзивецот на Раднички неполни 10 минути подоцна ќе направи голема грешка и ќе му донесе израмнување на противникот. По корнер на Партизан, топката отиде на другиот крај од шеснаесетникот и прв до неа стигна Игор Вујачиќ. Набрзо зад црногорскиот фудбалер се најде и Млаѓовиќ и го оттурна. Како тоа да не му беше доволно, успеа да го згази, по што Вујачиќ падна. Главниот судија Трифуновиќ најпрвин досуди слободен удар, но по консултација со ВАР собата беше утврдено дека фаулот е во шеснаесетникот , а Бибрас Натхо без проблем го реализираше пеналот.
Тимот од Хумска од тој момент беше подобар противник. Во две прилики се најде Рикардо Гомеш, како и Мениг, но не беа прецизни. Следуваше пречка од другата страна. Ја погоди противничкиот капитен Александар Пејовиќ .
Темпото на игра опадна околу 30. минута од првото полувреме, но она што не падна е тензијата на двете страни. Фудбалерите на Раднички беа незадоволни од судиската одлука да досуди крај на полувремето во моментот кога добија корнер.
Пред почетокот на вториот дел, црно-белиот стратег Илија Столица го внесе Златан Шеховиќ на десен бек наместо Александар Филиповиќ. Поранешниот играч на Јагодина и БАТЕ Борисов заработи жолт картон и асистираше при противничкиот гол, па ваквата одлука не беше изненадувачка.
Столица не знаеше дека оваа промена ќе биде клучна за конечниот исход на овој натпревар. Се започна во 50. минута кога Лазар Јовановиќ ја прими топката по левата страна, лесно го „сврте“ повратникот од Израел , Шеховиќ и го проигра Стефан Димиќ, кој немаше тешка задача да донесе ново водство на Раднички.
Само пет минути подоцна следеше центаршут од домашната екипа право кај Јовановиќ, кој не дочека да падне топката, туку од волеј ја испрати топката до блиската статива и донесе голема предност од два гола. Тренерот на Нишлиите, Томислав Сивиќ реши да ги замени позициите на Митровиќ и Јовановиќ и тоа испадна полн погодок.
Фудбалерите на Раднички ќе жалат за пропуштените прилики при резултат 3:1, а особено Стефан Митровиќ, кој веќе е виден во дресот на градскиот ривал на Партизан.
Тој се ослободи пред Стевановиќ, но неговиот удар откосо помина крај стативата. Казната за тоа дојде неколку минути подоцна, кога Слободан Урошевиќ намали со силен удар од далечина.
Бидејќи разликата повторно беше само еден гол, тензиите на теренот почнаа да растат. Предничеше Саша Здјелар, кој реши да се пресмета со Александар Месаровиќ.
Фудбалерот на Раднички по дуелот остана уште малку на земја, по што капитенот на црно-белите реши да го подигне влечејќи го за дрес.
Набрзо ситуацијата ескалира, а за малку не изби тепачка. Поради тоа беа доделени неколку жолти картони. Забележливо е како Слободан Урошевиќ, еден од опомонетите, постојано го следеше судијата и му сугерираше кого друг да казни. Затоа треба да биде среќен што не доби втор жолт картон.
До крајот, за да биде комплетен спектаклот, на Партизан му беше досуден втор пенал во петтата минута од судиското надополнување, откако Млаѓовиќ повторно го направи прекршокот. Од ВАР-салата известија дека се е во ред, а Рикардо Гомеш беше сигурен од „белата точка“ и го постави конечниот резултат.
Во следното коло Партизан ќе игра со ТСЦ на домашен терен, додека Раднички гостува кај Лазеревац кај екипата на Колубара.