Реал Мадрид е заинтересиран за 17-годишниот напаѓач на Борусија Дортмунд, Јусуфу Мукоко, објави Билд. Договорот на големиот талент роден во Камерун, кој настапува за младата репрезентација на Германија истекува во 2023 година. Германските медиуми наведуваат дека не планираат да го продолжат.
Да потсетиме, Мукоко е еден од најталентираните фудбалери во светот, кој веќе на 14 години потпиша договор со Најк вреден десет милиони евра. Тогаш настапуваше за младинските селекции на клубот од Дортмунд, постигнувајќи нереални 76 гола на 49 натпревари. Пред две години со влегувањето во игра против Зенит стана најмладиот дебитант во историјата на Лигата на шампионите, а рекордот од тој тип го држи и во Бундеслигата.
Иако беше спектакуларен на млада возраст, Мукоко имаше многу проблеми со повреди оваа година. За првиот тим на Борусија забележа 23 настапи, постигна два и асистираше за уште два гола. Според „Билд“, неговата цена е околу 20 милиони евра.