Започнува елиминациската фаза во Лига Европа, а во фокусот на вниманието е пресметката меѓу Барселона и Манчестер Јунајтед.
Еден великан ќе мора да испадне уште на стартот од елиминациите. Поради тоа дуелот е наречен „финале пред финалето“.
Барселона ќе игра во плејофот од Лига Европа откако изненадувачки испадна од Лигата на шампионите, завршувајќи на третото место во групата Ц. Манчестер Јунајтед стигна до оваа фаза завршувајќи на второто место во групата Е од Лига Европа, иако бодовно беше израмнет со Реал Сосиедад.
Двете екипи се во одлична форма во последно време и може да се очекуваат две возбудливи пресметки. Првата е вечерва на „Камп Ноу“.
Севилја го чува приматот според бројот на трофеи во Лига Европа, домаќин е на ПСВ Ајндховен. Италијанскиот гигант Јувентус, кој има сериозни амбиции во ова натпреварување по проблемите кои ги има во Серија А, го пречекува Нант.
Рома на Жозе Мурињо ќе има тешко гостување кај Салцбург.
Ајакс ќе се сретне со Унион Берлин, Шахтјор Доњецк против Рен, Баер Леверкузен има дуел со Монако, а Спортинг Лисабон против Митјиланд.